Извештајот на Државниот завод за ревизија за безбедносните системи во Фондот за пензиското и инвалидското осигурување е алармантен, соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, најавувајќи дека веќе е формирана работна група која подготвува план за заштита на податоците и системите.
Според Андоновски, надминувањето на состојбите во ПИОМ бара координација на сите државни капацитети.
Таму постојат системи што се критично засегнати, па затоа треба да утврдиме и како треба да се развива Фондот за пензиското и инвалидското осигурување во иднина. Ова не е проект само на една институција, ниту само на Фондот. Ова е проект на целата држава и сите мораме плански да постапуваме. Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци, изјави денеска Андоновски пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје.
Министерот изрази очекување дека владината работна група во наредниот период брзо ќе ги преземе сите потребни чекори за имплементација на препораките од ревизијата.

