Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска престојуваше во работна посета на Делчево, каде што присуствуваше и се обрати на седницата на Советот за развој на Источниот плански регион, пред градоначалниците и претставниците на општините од регионот.
На седницата се разговараше за продлабочување на соработката меѓу Министерството за дигитална трансформација и локалните самоуправи, како и за приклучување на општините кон платформата за интероперабилност и Документ менаџмент системот – ДМС.
Платформата за интероперабилност овозможува безбедна размена на податоци меѓу институциите, додека ДМС обезбедува електронско управување и целосна следливост на документите и предметите. Нивната примена значи побрзи постапки, помалку хартија и чекање, поголема транспарентност и поквалитетни услуги.
„Податоците треба да се движат, а не граѓаните. Дигиталната трансформација мора да биде присутна во секоја општина, бидејќи нејзината вистинска вредност се гледа преку побрзи, поедноставни и подостапни услуги“, порача Андоновски.
Во рамки на посетата, министерот Андоновски, заедно со градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, го посети и новиот Туристички културен информатор.
Современиот простор е опремен со поддршка од Министерството за дигитална трансформација и ќе придонесе за подобро претставување на културните, природните и локалните потенцијали на Делчево и Пијанец.
За време на посетата беше истакнато и значењето на Центарот за услуги – ЕТУ, кој веќе функционира во Делчево. Големата искористеност на услугите потврдува дека Центарот е од особено значење за жителите, овозможувајќи им полесен пристап до услугите на јавната администрација.
„Делчево забрзано се развива преку проекти што носат конкретни придобивки и нови можности за граѓаните. Министерството продолжува да ги поддржува локалните иницијативи и современите решенија што го подобруваат квалитетот на услугите“, истакна министерот Андоновски.


