Пристапот до технологиите засновани на вештачка интелигенција треба да биде подеднаков за сите земји, без оглед на нивото на економски развој, порача министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски од Сеул, Јужна Кореја, каде што учествува на глобален состанок за вештачка интелигенција и дигитализација во организација на Светска банка.
На средбата, на која присуствуваат претставници од околу 70 држави, Андоновски се осврнал на можностите што ги отвора вештачката интелигенција, но и на ризиците од нееднаквиот пристап до нејзините алатки и технологии.
Тој нагласил дека е неопходно да се создадат услови придобивките од технолошкиот развој да ги почувствуваат сите граѓани, како и малите и средните претпријатија, без оглед на тоа во која земја живеат и работат.
„Не смее да се дозволи богатите и развиените држави да имаат поголем пристап до просторот за вештачка интелигенција од помалите. Како држави мораме да вложиме во тоа секој граѓанин, секој мал и среден бизнис да има еднаков пристап до алатки базирани на вештачка интелигенција. Во спротивно, ризикуваме јазот меѓу развиените и помалку развиените држави да се зголемува наместо да се намалува“, истакнал Андоновски.
Во рамки на посетата на Јужна Кореја, министерот остварил средби и со потпретседателот на Светска банка задолжен за вештачка интелигенција и дигитализација, како и со претставници на Министерството за економија и финансии на Република Кореја.
Програмата на посетата вклучува и разговори со претставници на Светска банка за проектите од областа на дигитализацијата што се спроведуваат или се планираат во Северна Македонија.
Во фокусот на овие разговори е унапредувањето на дигиталните процеси и можностите за натамошна соработка во примената на современите технологии.


