Македонија ќе стане првата земја во регионот што ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во Европската Унија, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Во гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, тој појасни дека граѓаните нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет при престој во земјите членки на ЕУ.
– Ветивме дека ќе бидеме први во регионот што ќе ги реализира овие обврски. Тоа значи дека нема да има дополнителни трошоци за користење мобилни услуги во ЕУ. Нашата цел е балканскиот модел за роаминг да го примениме и со Унијата. Го завршивме нашиот дел од работата, текстот е доставен до ЕУ за мислење и ќе биде изгласан во Собранието – изјави Андоновски.
Тој додаде дека пред две недели добиле дополнителни прашања од Европската Унија, но нагласи дека планот останува непроменет и дека државата е подготвена да ја финализира законската рамка за укинување на роаминг трошоците.
Во однос на евроинтегративниот процес, Андоновски посочи дека земјата останува посветена на европскиот пат, но дека секој следен чекор мора да биде придружен со јасни гаранции.
– Не се откажуваме од ЕУ. Напротив, активно работиме на реформите и ги исполнуваме обврските. Сепак, нашиот став е принципиелен – секоја промена или чекор од македонска страна треба да биде проследен со соодветни гаранции. Во моментов немаме отпочнато преговори ниту отвораме кластери, а од нас постојано се бараат отстапки на штета на националните интереси – истакна Андоновски.

