На денешната промоција на новите електронски услуги за студентите од Државниот завод за статистика (ДЗС) достапни на порталот uslugi.gov.mk, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски информираше дека ќе биде потпишан договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи меѓу Црна Гора и Македонија.

„Имавме два дена квалитетни разговори со претседателот на Црна Гора. Нешто што веќе го подготвуваме, а можам да го најавам и на Самитот за сајбер-безбедност во Париз, е потпишувањето договор за меѓусебно прифаќање на електронските потписи на Црна Гора и Македонија“, изјави Андоновски, додавајќи дека овој договор ќе значи големо олеснување за бизнис-соработката меѓу компаниите од двете земји.

„Ова значи дека секој електронски потпис издаден во Македонија ќе биде признаен како целосно валиден во Црна Гора, а истото ќе важи и обратно — секој електронски потпис издаден во Црна Гора ќе биде целосно валиден во Македонија. Сметаме дека на овој начин ќе ја олесниме комуникацијата меѓу двете држави и ќе придонесеме за подобрување на економските односи“, додаде министерот.

Осврнувајќи се на денешната тема, министерот Стефан Андоновски истакна дека со овој чекор целосно се заокружува пакетот услуги за високото образование. Најголемата придобивка за корисниците е значителното скратување на времето потребно за пополнување на документацијата. Наместо досегашните 10 минути, сега процесот трае само една до две минути, бидејќи обрасците се веќе „предпополнети“ со податоци што системот автоматски ги презема од постојните бази.

Exit mobile version