Водата од скопскиот водоводен систем е безбедна и ги исполнува пропишаните стандарди за квалитет, покажуваат резултатите од последниот неделен мониторинг на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Во периодот од 4 до 7 август, Секторот за санитарна контрола извршил испитувања на водата за пиење од 45 мерни места низ Скопје. Земени биле вкупно 324 примероци – 162 за физичко-хемиски и 162 за микробиолошки анализи.
Резултатите од лабораториските испитувања покажале дека сите анализирани примероци се во согласност со законски пропишаните барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Од „Водовод и канализација“ посочуваат дека според спроведените анализи, скопјани можат непречено да ја користат водата од водоводната мрежа за пиење.


