Обединетите Арапски Емирати изградија речиси половина од вториот нафтовод што ќе го заобиколува Ормутскиот теснец, соопшти извршниот директор на Националната нафтена компанија Абу Даби (ADNOC), Султан Ахмед Ал Џабер. ОАЕ ја забрзаа изградбата на овој стратешки проект поради војната со Иран, а планот е цевководот да биде целосно оперативен во 2027 година.
Покрај Емиратите, вакви чекори за заобиколување на теснецот веќе презема и Саудиска Арабија, која ја транспортира својата нафта преку друг голем цевковод директно до пристаниште на Црвеното Море.
Нафтените лидери предупредуваат дека моменталната поставеност на глобалниот пазар е исклучително ризична за светската економија.
„Премногу од светската енергија сè уште тече низ премалку тесни грла“, изјави Султан Ахмед Ал Џабер пред Атлантскиот совет.
Тој посочи дека блокадата на Ормутскиот теснец веќе ги предизвикала најсериозните прекини во снабдувањето со енергија во историјата. Повеќе од милијарда барели нафта се изгубени со затворањето, а речиси 100 милиони барели се губат секоја недела додека каналот е блокиран.
„Ќе бидат потребни најмалку четири месеци за да се достигнат 80 проценти од нормалното ниво на снабдување со нафта, дури и ако конфликтот заврши веднаш. Ова не е само економски проблем. Тоа поставува опасен преседан дека една земја може да го држи најважниот воден пат во светот како заложник“, рече Ал Џабер.
Сличен став дели и Вашингтон, од каде најавуваат дека важноста на оваа досегашна клучна точка за глобалниот пазар драстично ќе се намали по завршувањето на конфликтот со Иран.
Американскиот министер за енергетика, Крис Рајт, во изјава за медиумите потенцираше дека земјите од Заливот веќе активно работат на алтернативни правци за извоз.
„Тоа е еднократна игра. Ќе има и други правци за енергија од Заливот. Ќе видиме намалување на важноста на Ормускиот теснец, но не и намалување на важноста на производството и снабдувањето со енергија од овие земји“, рече американскиот секретар.
Со реализацијата на овој проект, новиот цевковод практично ќе го удвои извозниот капацитет на компанијата ADNOC преку Фуџаира, пристаниште лоцирано во Оманскиот Залив, веднаш зад Ормускиот теснец.


