Американската војска во неделата изврши нови воздушни напади врз бродови за кои се сомнева дека биле вклучени во шверц на дрога, соопшти министерот за одбрана Пит Хегсет. Во операцијата загинале шест лица.

„Војската спроведе два смртоносни напади насочени кон два одделни брода управувани од назначени терористички организации“, напиша Хегсет на платформата X, без да прецизира за кои организации станува збор.

Според министерот, американските разузнавачки служби претходно утврдиле дека бродовите се користеле за нелегален транспорт на дрога.

Нападите се дел од поширока кампања со која, според Вашингтон, се настојува да се ограничи протокот на наркотици кон САД. Од почетокот на операцијата, американските сили извеле 19 напади, при што биле уништени 20 бродови и убиени 76 лица.

Три лица го преживеале последниот напад. Двајца од нив биле накратко приведени од американската морнарица, а потоа вратени во своите матични земји. Третиот преживеан, според мексиканските власти, се води како исчезнат и се претпоставува дека е мртов.

Иако администрацијата на Трамп тврди дека бродовите биле поврзани со нарко-картели, засега не се објавени јавни докази за присуство на дрога на уништените пловила или за директна поврзаност со терористички организации.

Воени претставници соопштија дека во нападите нема загинати или повредени американски војници.

Exit mobile version