Министерот за здравство, Азир Алиу, денес одржа работен состанок со деканот на Медицински факултет при УКИМ, проф. д-р Светозар Антовиќ и шефови на катедри од овој факултет, на кој се зборуваше за ревизија и унапредување на структурата, времетраењето и содржината на специјализациите и супспецијализациите на здравствени работници и здравствени соработници со високо образование од областа на медицината.
„Откако ја презедов министерската функција, еден од приоритетите ми е унапредување на човечките ресурси, со цел усогласување со реалните потреби на здравствениот систем, навременоста и квалитетот на услугите кои се обезбедуваат во секундарното и терциерното здравство“, рече министерот Азир Алуи на состанокот во Министерството за здравство.
Овој работен состанок е дел од поширок процес на реформи во здравствениот систем, кои се насочени кон редифинирање на постојните гранки на специјализација, со цел надминување на проблемот со тесно профилирани специјалисти и зајакнување на широки специјализации, како што се интерна медицина и општа хирургија, скратување на времетраењето на одредени специјализации, со цел мотивација на младите лекари, и редефинирање на супспецијализациите согласно реалните кадровски потреби на здравствениот систем.

