Александар Наумоски: Моите резултати се мојата предност

 Александар Наумоски е еден од реткитре актуелни градоначалници на власта во Скопје, кој ја добива довербата да трча по втор мандат на локалните избори. Во интервју за Прес24 вели дека резултатите остварени во овие изминати четири години се основата од која тргнува да ја барам довербата од неговите сограѓани. 

-Ѓорче Петров мора да продолжи по патот на напредокот, мора да продолжи да се развива како модерна, урбана, отворена и европска општина со услови за хумано живеење, со можности за младите да останат овде и овде да ја градат својата иднина, вели Александар Наумоски, кандидат на СДСМ за градоначалник на Општина Ѓорче Петров во интервју за Прес24.

-Пред четири години затекнавме една состојба на голема разлика меѓу урбаниот и руралниот дел, па оттаму нашите приоритети ги насочивме кон инвестиции и проекти кои значеа унапредување на квалитетот на живот во руралните населени места. Тоа на почетокот ни донесе негативни коментари од жителите на урбаниот дел од општината, но денес, четири години подоцна сведочиме на вистински рамномерен развој, нешто што е реткост за другите општини во државата, вели Наумовски,кој потенцира дека успеал да реализира 80% од програмата, што ја ветил на претходните локални избори.

Според него потребни се промени во децентрализацијата на локалната власт, особено во делот на фискалната децентрализација.

-Потребно е изнаоѓање начин на поинакво финансирање на општините, кои не би зависеле само од комуналии особено што веќе сме доведени во ситуација некои општини во Град Скопје веќе и да немаат простор за нови градби а тоа значи дека нема да имаат пари од комуналии што сериозно ќе се одрази врз нивното функционирање, вели Александар Наумоски во интервју за Прес 24.

ПРЕС24: Еден од ретките актуелни градоначалници во скопските општини, кој ја доби довербата од партијата за втор мандат. Тоа повеќе го гледате како привилегија, чест или доверба?

НАУМОСКИ: Го гледам како голема чест, но и како уште поголема обврска пред моите сограѓани кои на сите анкети ми дадоа голема доверба потврдувајќи го задоволството од она што досега заедно со мојот тим го имам реализирано во овие четири години. 

Моја обврска е таа доверба повторно да ја оправдам во следните четири години. 

ПРЕС24: Ако сами, реално и објективно, би требало да направите анализа за она што беше Ваше ветување пред четири години, со она што денеска е реализирано, дали Александар Наумовски заслужи нов мандат?

НАУМОСКИ: Дали имам заслужено нов мандат тоа ќе го кажат граѓаните на чинот на гласање на локалните избори. 

Она што лично мене ми причинува задоволство се проектите кои останаа зад мојот мандат, фактот што Ѓорче Петров кој со години беше запустена општина денес се менува, расте и се развива. 

Нема поголемо задоволство од тоа секојдневно да гледаш како дечињата одат во нови и проширени градинки, во реновирани училишта, спортуваат во нова спортска сала, кога гледаш како младите се дружат на новите јавни простори, а они повозрасните евоцираат спомени на новото модерно уредено Корзо. 

Над 80 отсто од Програмата е реализирана, сите капитални проекти се или реализирани или се во крајна фаза на реализација. Тоа е она што го оставам на Ѓорче после овие четири години. 

ПРЕС24: Вие секако сте задоволни од она што сте го сработиле, но кога би биле самокритични, што би издвоиле од она што не успеавте во овој мандат да го реализирате?

НАУМОСКИ: Гледано од оваа перспектива секако дека имаше простор да се направи уште за Ѓорче Петров. 

Меѓу нив би го подвлекол носењето на Деталниот урбанистички план за Дексион со кој е предвидена изградба на нов објект на детска градинка и нова амбуланта, како и неколку проекти кои се во соработка со институции од централната власт. 

Убеден сум дека ако ја добијам довербата за нов мандат, дека и тие ситуации ќе бидат надминати и ќе влезат во фаза на реализација. 

ПРЕС24: Пред Вас на овие локални избори имате име од опозицијата кое доаѓа од лекараската фела, Вие сте дел од правната фела. Каква изборна кампања очекувате?

НАУМОСКИ: Јас, партијата чиј кандидат сум и мојот тим, ќе водиме промотивна, позитивна кампања каде пред граѓаните ќе ја промовираме програмата за следните четири години, но и ќе даваме отчет за сето она што сме го сработеле во првиот мандат. 

Очекувам дека и од мојот противник од ВМРО-ДПМНЕ но и од другите кандидати за градоначалници ќе го видиме истото за оваа кампања да биде натпревар на идеи, на програми и решенија, а не натпревар на лажни вести, на црнила, на навреди и неосновани напади. 

Отсекогаш во Ѓорче Петров биле важни и се почитувале фер-плејот и натпреварувачкиот дух и очекувам дека така ќе биде и на овие избори. 

ПРЕС24: Опшина Ѓорче Петров е скопска општина, но воедно и општина во која гравитираат голем број приградски средини. Само по себе таквиот спој има различни приоритети. Што е потешко да се менаџира, урбана, или рурална средина?

НАУМОСКИ: Убавината на Ѓорче Петров е токму во таа разноликост на населените места. Покрај генералните потреби, секое населено место, дали рурално или урбано, си има и свои специфични потреби. 

Во делот на менаџирањето нема никаква разлика, со одговорен пристап со посветена работа, ништо не е тешко да се изменаџира. Пред четири години затекнавме една состојба на голема разлика меѓу урбаниот и руралниот дел, па оттаму нашите приоритети ги насочивме кон инвестиции и проекти кои значеа унапредување на квалитетот на живот во руралните населени места. 

Тоа на почетокот ни донесе негативни коментари од жителите на урбаниот дел од општината, но денес, четири години подоцна сведочиме на вистински рамномерен развој, нешто што е реткост за другите општини во државата.  

ПРЕС24: Иако официјално кампањата не е почната, сепак на која платформа ќе ја барате повторно довербата од граѓаните? Што е она што планирате да го ветите?

НАУМОСКИ: Резултатите остварени во овие изминати четири години се основата од која тргнувам да ја барам довербата од моите сограѓани. 

Ѓорче Петров мора да продолжи по патот на напредокот, мора да продолжи да се развива како модерна, урбана, отворена и европска општина со услови за хумано живеење, со можности за младите да останат овде и овде да ја градат својата иднина. 

Сето тоа е дел од мојата програма каде се содржани реални и остварливи проекти кои гарантираат, нови капитални инвестиции во инфраструктурата, во образованието и детската заштита, кои гарантираат забрзан локален економски развој и шанса за сите. 

Убеден сум дека тоа ќе биде препознаено од граѓаните и дека повторно како и пред четири години, масовно ќе застанат зад овој концепт и заедно ќе продолжиме да го градиме нашето Ѓорче.

ПРЕС24: После 4 години на чело на општина Ѓорче Петров, како ја оценувате функционалноста на локалната самуправа во Македонија. Колку таа е зависна, а колку независна од централната власт?

НАУМОСКИ: Единиците на локалната самоуправа се функционални онолку колку што им дозволуваат капацитетите, а тие често знаат да бидат доста ограничени, особено кај малите општини. 

Тоа неминовно придонесува и до поголема зависност од централната власт и централниот Буџет и јасено дека доколку не се тие, многу општини воопшто и не би функционирале. 

Конкретно за мојата општина, Ѓорче Петров е општина со скромен буџет, еден од најмалите во Град Скопје, па оттаму секоја година ни е предизвик да го скроиме соодветно на потребите на граѓаните, но секогаш успеваме да најдеме начин да ги максимизираме средствата што ни стојат на располагање, со нив да завршиме што е можно повеќе проекти. 

Секако тука имаме силна поддршка и од централната власт на која сум многу благодарен, затоа што без таа поддршка многу важни проекти ќе останеа само на хартија.

ПРЕС24: Дали според Вас е потребна поголема децентрализација на локалната власт и од кои аспекти?

НАУМОСКИ: Потребна е поголема децентрализација особено во делот на финансирањето на општините. Во сегашната поставеност, најголемиот извор на приходи во општините се комуналиите, што создава притисок врз општинските администрации и врз градоначалниците за носење на планови, давања одобренија и маркички за градба.

Потребно е изнаоѓање начин на поинакво финансирање на општините, кои не би зависеле само од комуналии особено што веќе сме доведени во ситуација некои општини во Град Скопје веќе и да немаат простор за нови градби а тоа значи дека нема да имаат пари од комуналии што сериозно ќе се одрази врз нивното функционирање. 

Затоа треба да се направи широка анализа, да се земат предвид искуствата од други држави а потоа да се направи модел кој ќе биде функционален и кој од една страна ќе обезбеди доволно пари кај општините, а од друга страна нема да го оштетува државниот буџет. 

ПРЕС24: Многупати досега беше заговарана идејата за комунална полиција, но никако да влезе во реализација. Таков тип на полиција има во многу држави. Кој е Вашиот став за оваа идеја?

НАУМОСКИ: Воведување комунална полиција е дел од Програмата на Владата и искрено очекувам дека тоа ќе биде реализирано во периодот што следи. 

На општините, на граѓаните им е потребен еден ваков сервис кој ќе биде сериозен помошник на Министерството за внатрешни работи, а истовремено ќе ги засили капацитетите на општините. 

Еден од проблемите на локалните самоуправи е недостигот на доволно инспектори и комуналната полиција е добар инструмент да се надополни тој недостиг. 

Истовремено, тоа ќе значи далеку поорганизирана далеку поефикасна борба против сите оние кои на каков било начин загадуваат или ја загрозуваат животната средина. 

ПРЕС24: Градот Скопје ја почна постапката за Брзиот автобуски превоз, иако во минатото долго се зборуваше за трамвај, беа во опции и други решенија. Една од трасите е и Ѓорче Петров. Колку оваој модел ќе биде успешен, од два аспекти. Од аспект на реализација, и од аспект на функционалност?

НАУМОСКИ: Градот Скопје има капацитет да реализира еден ваков капитален, би рекол и пионерски проект на просторот на Западен Балкан. 

Во поглед на функционалноста БРТ е одлично решение за јавниот превоз во главниот град. Фактот што едно од депоата ќе биде сместено во Ѓорче Петров ќе придонесе нашата општина уште подобро да биде поврзана со останатите населби и побрз превоз за нашите граѓани. 

18.09.2021 - 12:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега