Активиран хидросистемот „Брегалница“ за полнење на оризовите ниви во Кочанско


Состојбата со акумулациите од хидросистемот „Брегалница“ е стабилна, а врнежите од дожд го зголемија нивото на браната Калиманци која е блиску до максималното ниво. Покрај користењето на проточните води од реките, активирана е и каналската мрежа на хидросистемот, со што се интензивира полнењето на оризовите ниви во екот на сеидбената сезона.

Од водостопанската подружница „Брегалница“ од Кочани истакнаа дека и покрај зголемениот доток на вода од речните притоки, нема опасност од прелевање на акумулацијата и поплавување на земјоделските површини, а тоа ќе овозможи целосно спроведување на планот за наводнување.

-Во моментот во браната Калиманци се акумулирани 109 милиони кубни метри вода и оваа количина ни дава за право дека ќе имаме успешна наводнителна сезона. Од наша страна се направени напори да обезбедиме доволно вода што се дистрибуира до земјоделските површини во регионот. Десниот магистрален канал е исчистен, очекуваме дополнителен проток на вода од околу 500 литри во секунда и на тој начин да ги решиме проблемите, истакна Благојчо Богатинов, раководител на водостопанската подружница „Брегалница“.

Одговорните во Подружницата ги прифаќаат поплаките од земјоделците дека дел од каналите за наводнување останале неисчистени, обраснати со трева, руинирани и искршени, поради што водата честопати не завршува во нивите, но за тоа имало и објективни причини.

-Земјоделците делумно се во право, затоа што ги знаат проблемите со кои се соочуваат вработените во нашата подружница. Имаме недостаток од вработени, а машините цела сезона ни беа во дефект. Застарената  механизација си го направи своето, но мислам дека главните канали се исчистени и ќе нема поголеми проблеми за реализација на годишниот план за наводнување, додаде Богатинов.

Со годишниот план за одржување на мрежата за наводнување и на речните корита досега исчистени над 150 километри канали и вади во атарите на четирите општини во кочанскиот оризопроизводен регион. Со ориз годинава ќе бидат засеани околу 3.700 хектари, што е на слично ниво во однос на минатата година.

15.05.2024 - 15:56

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега