Делегација на Демократската унија за интеграција, предводена од претседателот Али Ахмети, вчера оствари средба со конгресменот Кит Селф, претседател на Поткомитетот за Европа во Конгресот на Соединетите Американски Држави.
Како што соопшти ДУИ, на средбата се разговарало за актуелните политички случувања во Северна Македонија, како и за значењето на Охридскиот рамковен договор и предизвиците поврзани со неговата примена во институциите.
Соговорниците нагласиле дека Охридскиот договор претставува темел на мирот, соживотот и мултиетничката демократија во државата, како и важен елемент за стабилноста во регионот.
Претседателот Ахмети изразил благодарност за континуираната поддршка од САД во однос на евроатлантската перспектива на Северна Македонија и стабилноста на Западен Балкан.
На состанокот била истакната и потребата од почитување на демократските стандарди, заштита на договорените политички рамки и зачувување на мултиетничкиот карактер на државата како предуслов за долгорочен развој и европска интеграција.


