АЕК ќе објави тендер за трет мобилен оператор, писма за искажување интерес од три компании
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе објави јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање за трет мобилен оператор, откако јавната расправа за таа намена резултираше со Писмa за искажување на интерес од ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В.
- АЕК на 16.04.2025 година објави Намера за спроведување на постапка на јавен тендер со јавно наддавање (Намера). Времетраењето на јавната расправа по објавената Намера беше заклучно со 16.05.2025 година. По завршувањето на јавната
расправа до АЕК пристигнаa Писмa за искажување на интерес од три заинтересирани страни и тоа: ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В. Бидејќи примениот број на писма за искажување на интерес е поголем од објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции што ќе се издаваат, во согласност со член 134 став (6) алинеја 1, АЕК ќе објави јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање, наведува АЕК во објава на својата веб страница за резултатите од јавната расправа.
ОНЕ Македонија Телекомуникации во тек на јавната расправа, меѓу останатото, предложиле годишните надоместоци за користење на фреквенцискиот спектар да започнат да се пресметуваат од датумот на комерцијално пуштање на мрежата, а не од датумот на издавање на дозволата. АЕК, пак, им одговара дека не постои законска можност за одложување на обврската за плаќање, ниту пак можност за привремено намалување или поврат на дел од годишниот надомест за користење на радиофреквенции.
Од е& ппф Телеком Груп, пак, навеле дека предложените минимални износи на надоместоците се превисоки, особено, како што велат, имајќи ги предвид значајните инвестиции потребни за е& ппф да влезе на македонскиот пазар доколку успее на Тендерот.
АЕК во став за предлогот на е& ппф Телеком Груп наведува дека минималната висина на еднократниот надомест е определена врз основа на спроведена детална анализа од претходни постапки на доделувања на радиофреквенции. При тоа, во согласност со ЗЕК, АЕК е должна да ги применува регулаторните начела за објективност, транспарентност, недискриминација и пропорционалност преку обезбедување дека, во слични околности, нема дискриминација во третманот на операторите. Поради тоа АЕК нема можност да направи намалување на минималната висина на еднократниот надоместок, стои во одговорот на Агенцијата за електронски комуникации.
Во Писмото за искажување на интерес, заинтересираната страна Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје искажала заинтересираност за радиофреквенции во радиофреквенциските опсези: 900 MHz за радиофреквенцискиот блок 880-890/925-935 MHz, 2100 MHz за радиофреквенцискиот блок 1920- 1930/2110-2120 MHz и 3.х GHz за радиофреквенцискиот блок 3460-3500 MHz.
По однос на Писмото на Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје, АЕК информира дека ќе објави нова Намера за спроведување на постапка на јавен тендер со јавно наддавање од причина што во тоа Писмо се искажува Намера за радиофреквенции кои не се предмет на веќе објавената Намера.
Доколку до АЕК пристигнат дополнителни Писма за искажување на интерес по објавената Намера по пошта, а се испратени во предвидениот рок, АЕК најавува дека ќе направи соодветно дополнување на Резулатите од јавната расправа и став на Агенцијата за електронски комуникациии по однос на истите од објавената Намера за спроведување на постапка на јавен тендер со јавно наддавање.
Намерата за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава АЕК ја објави на 16. минатиот месец, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
Одобренија, според Намерата, ќе се издаваат само на нови мрежни оператори, односно, писма за искажување интерес не можеа да доставуваат постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком).
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа