Адвокати во САД поднесоа тужба против „Гугл“ поради Андроид

Групата, предводена од јавниот обвинител на Њујорк, Летиција Џејмс, тврди дека „Гугл“ на корисниците на уреди со вграден Андроид, им ја ускратува конкуренцијата која би можела да резултира со побогат избор и пониски цени за мобилните апликации и да поттикне иновации.

„Гугл“ исто така е обвинет дека од програмерите барал при продажба на дигитална содржина преку апликации купени преку „Гугл плеј продавница“, да користат „Гугл Билинг“, принудувајќи ги потрошувачите да плаќаат бесконечна провизија до 30 проценти.

„Гугл е порта кон Интернет многу години, а од неодамна стана порта за нашите дигитални уреди – што резултира во тоа сите да мораме да плаќаме повисоки цени за софтверот што го користиме секој ден“, рече Џејмс.

„ Уште еднаш, имаме можност да сведочиме како „Гугл“ користи доминантна позиција за нелегално задушување на конкуренцијата и заработка на милијарди“, додаде таа.

Стотици милиони корисници на Андроид се принудени да купуваат апликации исклучиво преку „Гугл“, предупреди државниот обвинител во Њујорк.

„ Најлошо е што „Гугл“ им го одзема животот на милиони мали бизниси кои сакаат само да се натпреваруваат. Ние ја поднесуваме оваа тужба за да ставиме крај на нелегалното монополско влијание на Гугл и конечно да им дадеме глас на милиони потрошувачи и сопственици на деловни активности”, заклучи Џејмс.

Групата побара од судот да престане со незаконското однесување на „Гугл“ и да воспостави конкуренција.

Покрај казните, државите бараа и компензација за потрошувачите и враќање на неправилно стекнатите профити.

Макфакс

08.07.2021 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега