Иран ѝ соопшти на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) дека разговорите за нуклеарен надзор не можат да продолжат додека земјата е под закана од воени напади, се наведува во доверливиот извештај што денеска беше испратен до земјите-членки на МААЕ.
Иран, како што е наведено во извештајот, инсистира на тоа разговорите за продолжување на инспекциите во оваа земја да не можат да продолжат поради „низа постојани, експлицитни и јавни закани од претседателот на САД… за извршување на понатамошни акти на вооружена агресија“ против Иран, „конкретно насочени кон неговите нуклеарни објекти“, објавуваат американските медиуми.
Иран објави дека таквата ситуација нема да се реши „сè додека не се решат клучните причини за моменталната ситуација и не се обноват основните барања за спроведување на нормалните безбедносни мерки“, се навдува во извештајот.
Иран не им даде пристап на инспекторите на МААЕ до нуклеарните објекти погодени од израелските и американските напади во јуни 2025 година, забележуваат американските медиуми, додавајќи дека МААЕ исто така не била во можност да ја потврди состојбата на залихите на збогатен ураниум на Иран од бомбардирањето во јуни.
Иран, меѓутоа, ја потврди својата „силна посветеност да продолжи целосно да ги спроведува своите безбедносни обврски, штом ќе дозволат релевантните законски и моментални услови“.
МААЕ изјави дека недостатокот на информации за иранските атомски локалитети и нуклеарен материјал е „причина за загриженост поради ширење на нуклеарното оружје“ што мора итно да се реши и нагласи дека е „целосно подготвена да ги продолжи безбедносните активности во Иран на краток рок“.
Иран исто така изрази загриженост во писмо до МААЕ во врска со неодамнешната понуда на САД за награда до 20 милиони долари за информации за иранската нуклеарна програма.
Техеран во писмото ја нагласува важноста на одржувањето на доверливоста на активностите на МААЕ и потребата од безбедност дека информациите за нуклеарната програма на Иран нема да бидат откриени, злоупотребени или експлоатирани.

