Силниот јужен ветер кој зафати поголем дел од регионот предизвика сериозни штети и незгоди во Битола. За влакно била избегната поголема трагедија во населбата Ремо, каде дрво паднало врз автомобил во движење, но за среќа нема потешко повредени, пренесе Тера.
Сепак, повреди здобиле две девојчиња кога минувале покрај Подрачното одделение за матично работење од Управата за водење матични книги, каде што попуштило стакло од излогот, по што тие се пренесени во Ургентното одделение на Клиничката болница во Битола. Пожарникарите од ТППЕ Битола интервенирале и во селото Лавци поради дојава за силен пожар, за кој исто така се претпоставува дека е поврзан со невремето.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи, јужниот ветер во Битола достигнува брзина до 54 километри на час, додека во Пелагонија се измерени уште посилни налети – кај Тополчани дури до 86 километри на час. На терен се евидентирани оштетени возила, скршени гранки и дрвја во градскиот парк, како и оштетувања на стаклени врати на станбени згради.
Од УХМР најавуваат дека силниот ветер ќе продолжи во текот на целиот ден и утре, поради што надлежните апелираат на зголемена внимателност при движење на отворено, особено во близина на дрвја, фасади и стаклени површини.

