Министерот за здравство Сашо Клековски денеска го посети Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ во Скопје, каде што во периодот 2025–2026 година се инвестирани над 40 милиони денари за модернизација на опремата и подобри услови за пациентките и вработените. Посебен акцент е ставен на целосно реновираната и доопремена ординација за општа анестезија, наменета за лица со попреченост, деца кои не соработуваат и пациенти со изразена дентофобија.
Министерот нагласи дека се работи за сериозна инвестиција поддржана од Министерството, ФЗОМ и раководството на установата.
„Над 40 милиони денари за две години е сериозна инвестиција во јавното стоматолошко здравство. Тоа е резултат на поддршката од Министерството за здравство и ФЗОМ, но и на раководството на Стоматолошкиот клинички центар. Кога средствата се трошат наменски, тоа се гледа во секоја ординација: подобра опрема и подобри услови за пациентите и за вработените. И покрај тоа што приватни здравствени установи обезбедуваат дел од стоматолошките услуги неопходно е силна јавна стоматологија, посебно бидејќи оваа установа е терциерна установа каде се образуваат идните стоматолози“, изјави министерот Клековски.
Тој ја истакна и потребата од идни децентрализации за услугите да бидат поблиску до пациентите од целата држава, а ја пофали и соработката со бизнис-секторот и граѓанските организации.
Директорката проф. д-р Јулијана Николовска истакна дека видливите промени се резултат на домаќинско работење и внатрешни заштеди.
„За само година и пол направивме видливи промени. Тоа го постигнавме благодарение на поддршката на Министерството за здравство и ФЗОМ, како и со домаќинско работење и внатрешни заштеди. Особено сме горди на ординацијата за општа анестезија, која е единствена од ваков тип во државата на терциерно ниво. Нашата цел е достапна, безбедна и достоинствена стоматолошка здравствена заштита за секој пациент“, изјави Николовска.
Претседателката на УО на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ и директорка на Зегин, Викторија Механџиска, изрази задоволство од заедничкото дејствување на институциите и приватниот сектор во поддршката на децата со попреченост.
Во изминатиот период се набавени видеоларингоскоп, 3D принтер, интраорален и лабораториски скенер, диодни ласери, мобилен дигитален рендген, дефибрилатори, автоклави и друга опрема, а изграден е и тоалет за лица со попреченост. Ординацијата за општа анестезија е опремена со сопствени средства и преку донации од Фондацијата и компанијата Зегин. Термините за третман под општа анестезија се закажуваат секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот на телефонскиот број 075 435 445.

