Три граѓански мрежи побараа итни истраги за институционалното постапување во случаите на фемицид, законски измени и обезбедување средства за заштита на жртвите.
Испратија отворено писмо во кое повикуваат на мораториум на свечените и промотивните настани во рамки на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Писмото го потпишуваат Мрежата за заштита од дискриминација, Платформата за родова еднаквост и Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
Организациите посочуваат дека се случиле седум фемициди, а последната жртва е 17-годишната девојка од Богданци.
Според нив, институциите не обезбедиле заштита и во случаи во кои жртвите претходно пријавувале насилство и барале помош.
„Не ни треба држава која тагува по убиените жени. Ни треба држава која ќе ги заштити додека се живи“, порачуваат потписничките.
Од Владата, Собранието и надлежните институции бараат:
Независна и темелна истрага за постапувањето во сите случаи на фемицид, особено кога насилството претходно било пријавено, со утврдување индивидуална и институционална одговорност.
Итни законски измени за заштита од насилство, вклучително и регулирање итни мерки и користење електронски алки.
Враќање на поимите род и родова еднаквост во образовните закони, упатствата за заштита од насилство и програмите за сексуално образование.
Усвојување на заклучоците од надзорната расправа за родово базираното насилство, со конкретни рокови за институциите.
Обезбедување буџет и стручни кадри за полицијата, социјалните служби, обвинителствата, судовите и здравствените установи.

