Кредибилен, предвидлив и напредок заснован исклучиво на реални заслуги и исполнети критериуми е јасното очекување на државата во процесот на пристапување кон Европската Унија. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по заедничкиот разговор со словачкиот министер за надворешни и европски работи, Јурај Бланар, кој престојува во официјална посета на земјава, испрати децидни пораки за европските перспективи и билатералните односи со соседите.
Муцунски посочи дека Владата останува целосно фокусирана на одржување отворени канали за комуникација со Софија, но со акцент на забрзана динамика за целиот регион.
„Во тој контекст го информирав министерот Бланар дека остануваме посветени за одржување на отворени канали на дијалог со соседна Бугарија и подготвени сме да дадеме наш придонес кон унапредување на билатералните односи. Истовремено сметаме дека е потребна посилна динамика на европската интеграција на целиот регион, вклучително и нашиот пристап кон Европската Унија“.
Двајцата министри ги потврдија одличните билатерални релации, со акцент на економската соработка, инвестициите, трговијата, како и поддршката во рамките на групата „Пријатели на Западен Балкан“, Вишеградската група и Славков форматот.
„Посебно ја цениме принципиелната поддршка на Словачка за европската перспектива и на нашата земја, но и на целиот регион на Западен Балкан и нејзиниот активени придонес во регионалната безбедност, економскиот развој и забрзување на европската перспектива на нашиот регион. Таа поддршка меѓудругото ја препознаваме преку директниот ангажман на Словачка во групата „Пријатели на Западен Балкан“, во Вишеградската група и Славков формат, и за ова сме искрено благодарни. Политичкиот дијалог меѓу двете држави е на највисоко ниво, а принципиелната поддршка од Словачка за остварување на нашата стратешка цел, полноправно членство во Европска Унија, има особено значење за нас“.
Муцунски додаде дека во овие сложени геополитички времиња, меѓународниот поредок заснован на правото е од клучно значење.
„Во време кога нашиот континент е исправен пред предизвици од историски размери, со колегата Јурај споделуваме став дека заедништвото и одлучноста во европското семејство се најдобар одговор на новата реалност. За помалите држави меѓународниот поредок заснован на правила и почитување на меѓународното право се од клучно значење за стабилноста, безбедноста и ефикасното управување со современите геополитички случувања“.
Запрашан за случајот со Ива Михајлова, министерот Муцунски нагласи дека кандидатските земји со право очекуваат од самите членки на ЕУ да ги почитуваат највисоките правни стандарди.
„Навистина непристојно една земја членка на Европската Унија да станува прибежиште за тие коишто или се осудени за сторени кривични дела или се лица за коишто има степен на сомнеж и се водат постапки во рамките на судовите во државата. Но, ќе бидам тука внимателен затоа што на линија на тоа што го кажа и претседателот на Владата Мицкоски пред неколку дена, немаме интерес да си дозволиме да станеме дел од естрадата поврзана со оваа тема во Бугарија, која е поврзана и со претседателски избори коишто се во тек во таа држава“.

