Осумгодишно девојче е тешко повредено откако било нападнато од волк во зоолошка градина во германската покраина Бранденбург, соопштија од локалната полиција.
Поради сериозноста на повредите, детето било итно префрлено во болница со хеликоптер на медицинската служба.
Според пишувањето на германски „Дер Шпигел“, во моментот на нападот со девојчето биле уште две деца и еден вработен во објектот.
Зоолошката градина, која е во приватна сопственост и се наоѓа на околу 45 километри јужно од Берлин, веднаш по инцидентот е привремено затворена за посетители.
Според официјалната веб-страница на комплексот, таму се сместени повеќе видови диви животни, меѓу кои кафеави мечки, рисови, сиви волци и поларни волци.
Ова не е прв сериозен безбедносен инцидент во истиот објект.
Во 2016 година, од оваа зоолошка градина избегаа два лава, што тогаш предизвика обемна полициска операција за нивно пронаоѓање.

