Инспекциска контрола на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во месарница во општина Василево открила нерегистрирана комора во која се чувале стотици килограми месни производи и внатрешни органи.
При надзорот, спроведен минатата недела, официјалните ветеринари заплениле 400 килограми замрзнати месни подготовки, меѓу кои плескавици и ќебапи, како и дополнителни 70 килограми внатрешни органи. Производите биле уништени на депонија согласно законските процедури.
Поради утврдените неправилности, изречена е мерка за привремено затворање на комората, а на правното лице му се изречени и парични казни за работа во нерегистриран објект и неозначување на производите.

АХВ
Од АХВ информираат дека од јануари до август годинава биле спроведени 74.838 инспекциски надзори. Во истиот период биле уништени 69.776 килограми небезбедна храна од домашниот пазар и увоз, а бил забранет увозот на 21.105 килограми небезбедна храна од неживотинско потекло.

АХВ
Дополнително, во земјите на потекло биле вратени пратки со вкупно 122.602 килограми храна од животинско потекло.
Агенцијата најавува дека инспекциските контроли ќе продолжат низ државата, со цел заштита на здравјето на граѓаните и спречување на прометот со небезбедна храна.

