Непочитувањето на ограничувањата на брзината и натаму е меѓу најчестите прекршоци на патиштата. За само три дена, од 23 до 25 октомври, полицијата изрекла 2.720 платни налози, од кои половина, односно 1.360, биле за возачи кои возеле побрзо од дозволеното.
Во рамки на засилените сообраќајни контроли, 67 лица биле лишени од слобода поради безобѕирно управување со возило. Меѓу нив, седум возеле под дејство на алкохол, 21 немале возачка дозвола, а осум управувале возило и покрај претходно изречена забрана.
Полицијата регистрирала и случаи на значително надминување на дозволената брзина, како и други прекршоци поради кои биле одземени 27 возила.
Покрај брзото возење, проблем останува и неправилното паркирање, за кое биле изречени 328 санкции. Дополнително, 57 возачи биле казнети за возење под дејство на алкохол.
Контролите откриле и голем број прекршоци поврзани со безбедноста. Санкционирани биле 239 лица кои не користеле сигурносен појас, како и 33 мотоциклисти кои возеле без заштитен шлем.
Од сообраќај биле отстранети 23 нерегистрирани возила и четири возила поради техничка неисправност. Казни добиле и осум возачи поради несоодветно затемнување на стаклата со фолии.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека контролите ќе продолжат и во наредните денови, со апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за поголема безбедност на патиштата.

