Најмалку 12 лица, меѓу кои и шест деца, се повредени во пукотница што се случи во Талахаси, главниот град на американската држава Флорида, во непосредна близина на Универзитетот Флорида А&М.
Шефот на полицијата во Талахаси, Лоренс Ревел, на прес-конференција соопшти дека 11 лица задобиле прострелни рани.
„Шест од повредените се возрасни, а шест се малолетни. Најмладата жртва има 11 години. Најмалку тројца од повредените се сериозно повредени, а едно лице е во критична состојба. Осум од повредените се во стабилна состојба“, рече Ревел.
Единственото лице кое не е повредено од огнено оружје е бабата на една од жртвите, која се повредила додека се обидувала да избега од местото на настанот. Според полициските информации, шест лица сè уште се хоспитализирани, од кои едно е во критична состојба, додека петмина се пуштени на домашно лекување.
Полицијата интензивно работи на идентификување на одговорните и апелираше до сите граѓани кои располагаат со видеоснимки или фотографии да помогнат во истрагата.
„Ќе утврдиме што се случило, ќе ги идентификуваме одговорните и ќе најдеме одговори за сите жртви, нивните семејства и сите погодени од оваа трагедија“, рече Ревел.
Тој додаде дека помошта од заедницата е клучна за разрешување на случајот.
„Знаеме дека има луѓе што виделе нешто, слушнале нешто или можеби имаат снимки што би можеле да ни помогнат да утврдиме точно што се случило. Ни треба помош од нашата заедница. Ниеден детаљ не е премногу мал и ниедна информација не треба да се изостави. Доколку имате какви било информации, ве молиме споделете ја со нас. Вашите информации би можеле да бидат клучни за изведување на одговорните пред лицето на правдата“, рече Ревел.
Според првичните сознанија, на инцидентот му претходела вербална и физичка конфронтација меѓу неколку лица во близина на стадионот „Браг Меморијал“. Претседателката на универзитетот, Марва Б. Џонсон, потврди дека нападот не се случил директно на кампусот, но најави бесплатна психолошка помош за студентите.
„Со семејството Ратлер и целата заедница во Талахаси го споделувам нашиот огорчен став и длабока тага поради бесмисленото и одвратно пукање што се случи во близина на нашиот кампус синоќа. Таков ужасен чин на насилство е трауматичен за нашите студенти, без оглед на тоа дали биле во близина на местото на настанот или не“, рече Џонсон.

