Секој изминат месец носи нови поскапувања, а од почетокот на годината трошоците за живот се зголемени за 4.000 денари, соопшти опозициската партија СДСМ.
Оттаму нагласуваат дека октомвриската синдикална минимална кошничка надминува 70.000 денари, а со вклучена кирија достигнува речиси 90.000 денари, поради што ниту три минимални плати не можат да ги покријат основните месечни трошоци на едно семејство. Според податоците што ги изнесе опозицијата, околу 180.000 работници примаат помалку од 31.200 денари месечно, додека минималната плата останува на нивото од 26.000 денари.
„Работникот работи цел месец, а платата не му стигнува за живот. Реалноста зад ветувањата е животен стандард на една третина од европскиот. Власта ги одби мерките на СДСМ за заштита на стандардот на почетокот на кризата, одби минимална плата од 600 евра и поддршка за земјоделците“, стои во партиското соопштение.
Од СДСМ предупредуваат дека од јануари наредната година се најавуваат нови поскапувања и повисоки сметки за струја и парно, додека, како што велат, владата ги остава граѓаните сами да се справуваат со новиот енергетски удар. Воедно, се критикува и новиот ребаланс на буџетот, за кој од опозицијата велат дека не содржи мерки против поскапувањата, туку носочи нови долгови, потсетувајќи дека јавниот долг е зголемен за 4 милијарди евра за само две години.

