Грчкиот парламент одобри закон со кој се воведува забрана за пристап до социјалните медиуми за деца под 15 години, со почеток од 1 јануари 2027 година, јави националниот сервис ЕРТ.
Законот, кој беше поднесен од грчкиот државен министер Акис Скерцос, доби мнозинство гласови во пленарната сала по долги дебати кои траеја повеќе од 16 часа.
Новите законски одредби наложуваат платформите на социјалните медиуми да воспостават сигурни механизми за проверка на возраста на корисниците, целосно усогласени со прописите за заштита на личните податоци. За таа цел, ќе можат да се користат домашни апликации развиени од грчкото Министерство за дигитално управување, како што се Kids Wallet и Gov.gr Wallet, или други технолошки решенија кои се во согласност со грчкото и европското законодавство.
Според презентираните владини решенија, верификацијата ќе функционира преку потврдување дали корисникот е над или под пропишаната возрасна граница, без притоа да се открива неговиот точен датум на раѓање или други чувствителни лични податоци.
Оваа строга регулатива се донесува во време кога на ниво на Европската унија се води дискусија за воведување пошироки мерки за заштита на малолетниците на интернет, во рамките на европскиот предлог „Закон за деца на ЕУ“, кој предвидува правила и за платформите за споделување видеа, онлајн игрите, продавниците за апликации и одредени сервиси за вештачка интелигенција.

