Прашањата на Обвинителството за бројот на влезови и излези во дискотеката „Пулс“ во Кочани и можноста за евакуација на посетителите предизвикаа бројни реакции и приговори на денешното судење во судницата во Идризово.
Обвинителот Дарко Јакимовски во продолжението на рочиштето побара од вештакот Петре Русески да одговори за функционалноста на излезите, градежните материјали и планот за евакуација. Вештакот Русески појасни дека не правел детална анализа, туку се повикувал на констатации од веќе утврдени документи на други институции.
„Кажав дека при добивање одобрение за градење треба да се приложи и елаборат за заштита од пожари. Таков елаборат со оглед дека добил одобрение постои и градбата ги исполнува, така и е изграден. Понатаму, објектот има добиено употребна дозвола да се користи како деловен објект и тука Законот за градење нема повеќе ингеренции. Што се однесува до дејноста што се обавува во објектот постојат институции кои вршат проверка на елаборатите и се надлежни да проверат. Што се однесува на критичната вечер, дали да или не биле исполнети, неколку пати посочив дека треба да одговори вешто лице од противпожарна заштита, ние како архитекти и градежни вештаци не можеме“, изјави Русески.
Запрашан дали посетителите можеле да користат три врати за евакуација, вештакот наведе: „Реков дека имало три влезови и излези, но не за евакуација, тоа е прашање за вешто лице од противпожарна заштита“. За време на расправата околу вратите, првообвинетиот Дејан Јованов довикна: „Ако сакаш да знаеш, јас последен излегов низ таа врата!“.
На прашањето за употребениот полиетиленски сунѓер, вештакот изјави: „Правилникот го анализирав од аспект на забрана на употреба на сунѓерот и барав одредба дали сунѓерот е забранет“. Тој додаде дека „за сунѓерот не постојат од ниту една страна лабораториски испитувања за неговиот ефект затоа што сунѓерот на самото место не постои, изгорел. За евакуацијата и бројот на посетители треба да одговори вештак од таа областа“.
Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи на 16 март 2025 година за време на концерт, при што загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

