Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека Ива Михајлова нелегално била пренесена во Бугарија и дека МВР веќе истражува на кој начин ја напуштила земјата.
„Апсолутно е невистина тоа што го лиферуваа бугарските медиуми дека заедно со нејзиниот адвокат поминале на регуларен граничен премин. Тоа претставува лага“, изјави Мицкоски, додавајќи дека според евиденциите адвокатот последен пат влегол во земјата на 28 септември.
Тој нагласи дека и македонските и бугарските институции потврдиле дека нема регуларен премин и дека истрагата треба да утврди како Михајлова стигнала во Бугарија.
„Можам да потврдам дека на нелегален начин е пренесена во Бугарија. Министерството за внатрешни работи истражува и ќе дојдеме до сознание на кој начин е однесена“, рече премиерот.
Мицкоски упати критики и до политичкото раководство во Софија, оценувајќи дека со случајот се нарушуваат меѓусоседските односи и дека Бугарија се обидува да покаже „политички мускули“.
„Ако некој мисли дека на овој начин обезбедил заштита, се лаже. Кога-тогаш и нејзиниот родител и Ива ќе се соочат со правдата“, изјави Мицкоски.

