Педесет и четиригодишна жена е уапсена во Солун откако полицијата открила дека во својот дом чувала повеќе од 200 домашни животни и миленици, соопшти грчката полиција.
Жената била уапсена вчера попладне по претходен инцидент и закани што ги упатила кон 35-годишна жена од Алжир, што било причина за итна интервенција на полициските службеници, пренесува „Прототема“.
Во текот на истрагата спроведена од службениците на одделот Терма, било утврдено дека Гркинката во својот дом чувала околу 120 кучиња, 70 мачки и десетина кози. Животните биле држени без обезбедени соодветни, здрави и удобни услови за сместување, со што директно била загрозена нивната благосостојба.
Против уапсената е поднесена соодветна пријава за упатени закани и за кршење на законите за заштита на животните, објавува „Танјуг“.

