Минимална плата од 600 евра е неопходна за работниците да можат да ги покријат основните трошоци и да обезбедат достоинствен живот за своите семејства, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за Централниот дневник на МРТ 1.
Филипче оцени дека зголемувањето на минималната плата е неопходно за подобрување на животниот стандард и ја критикуваше Владата, обвинувајќи ја дека не презема доволно мерки за да им помогне на граѓаните.
„600 евра минимална плата е најмалку што оваа влада треба да направи за да го подобри стандардот, затоа што во сегашните услови ниту три минимални плати не се доволни да ги покријат трошоците од потрошувачката кошничка, која е близу 80 до 90 илјади денари со трошоците за кирија, за стан и враќање на кредитите“, изјави Филипче.
Тој се осврна и на состојбата во земјоделството, посочувајќи дека предлог-законот на СДСМ за поддршка на земјоделците не поминал во Собранието. Според него, без дополнителна финансиска помош, земјоделците, сточарите, млекарите, лозарите и јаболкопроизводителите се соочуваат со сериозни финансиски притисоци.
Филипче оцени дека последиците од економските политики се одразуваат врз работниците, пензионерите, земјоделците и младите, а како дополнителен проблем го посочи иселувањето од државата.
Тој наведе дека годинава биле запишани 3.000 деца помалку во прво одделение и дека, според неговите тврдења, 3.000 семејства се иселиле во периодот од 2025 до 2026 година.
Филипче порача дека СДСМ ќе продолжи да предлага мерки за зголемување на платите и подобрување на животниот стандард, со образложение дека на граѓаните им е потребна конкретна финансиска поддршка.

