Камерите на системот „Безбеден град“ од утре, 12 октомври, официјално почнуваат да регистрираат сообраќајни прекршоци на подрачјето на СВР Охрид.
Новиот систем за автоматски сообраќаен надзор комплетно ги покрива сообраќајниците во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека се завршени сите потребни технички проверки и финални тестирања, по што опремата се става во полна оперативна функција.
Главната цел на активирањето на овој систем е воведување засилена и континуирана сообраќајна контрола, брзо детектирање на прекршителите и драстично зголемување на сообраќајната дисциплина.
Сообраќајните статистиките веќе покажуваат позитивни резултати, откако бројот на повредени лица во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 отсто во споредба со истиот период лани, односно регистрирани се 34 жртви помалку.
МВР упатува апел до сите возачи и учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за со сопствената одговорност да придонесат за безбедни патишта.

