Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, денеска ќе се сретнат во Софија, на маргините на Меѓународната конференција посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8.
Средбата е официјално потврдена, а според вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, дополнително ќе биде договорено во кој формат ќе се одржи.
Мицкоски вчера посочи дека средбата ќе биде можност за директен дијалог и за размена на ставови за надминување на актуелната состојба меѓу двете земји. Тој нагласи дека од македонска страна пораката е јасна – преку дијалог и добрососедски односи да се создадат услови за напредок кон стратешката цел за членство во Европската Унија.
Иницијативата за средбата дојде по неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје. На заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен, Мицкоски посочи дека ЕУ треба да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавање услови за одржливо европско решение.
По средбата со Фон дер Лајен, Муцунски испрати дипломатска нота за иницирање средба со бугарската колешка. Бугарското Министерство за надворешни работи потоа потврди дека двајцата шефови на дипломатиите ќе имаат можност за средба во рамки на конференцијата во Софија.
Од македонска страна се очекува преку директен дијалог, добра волја и взаемно почитување да се разговара за можностите за деблокирање на европскиот интегративен процес. Притоа, се нагласува потребата од одржливо решение со кое пристапниот процес нема повторно да биде изложен на нови билатерални условувања.
Средбата се одржува во период кога Европската комисија предложи промени поврзани со идното проширување на Унијата, меѓу кои и можност за квалификувано мнозинство при одредени одлуки и постепена интеграција, со заштитни механизми за исполнување на преземените обврски.

