Правата линија од Градски воз сообраќа редовно и со преку 300 патници дневно што е над очекувањата. Нашата визија е да создадеме интегриран јавен превоз со Градски воз, електричните автобуси, БРТ и меѓуградската железница за да го намалиме аерозагадувањето, вели во интервјуто за “Радио Лидер”, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
“Ние имаме градски воз во кој што никој не веруваше. Никој не веруваше ни од опозиција, ни поголем дел од јавноста. Бројките, да бидам искрен со вас, се подобри од она што го очекував. Веќе сме некаде на околу 300 патници дневно. Тоа се 300 возила помалку во центарот на градот. Тоа се 300 нервози помалку во центарот на градот и тоа се 300 луѓе коишто навреме стигнуваат. Во моментов завршува проектирањето за двете други линии. За неколку недели ќе излезат тендерите, штом избереме изведувач почнуваме со градба и како што ветивме, на почетокот на 2028 година ќе имаме уште две траси, со што цело Скопје ќе го опфатиме” -истакнa Николоски.
Планот како што најави е целиот јавeн превоз да се интегрира, a целта е покрај поефикасен прeвоз, да се влиаје и врз аерозагадувањето.
“Првата фаза е дел од една поголема моја и на Владата визија за градот Скопје и за растеретување на сообраќајот во градот Скопје и за намалување на загадувањето. Имено, доколку успееме да создадеме функционален и интегриран систем на градски воз – три линии, на меѓуградски воз со Велес, Куманово, Тетово, Гостивар и на тоа ги додадеме електричните автобуси и системот БРТ во делот на сообраќајот ние проблемот со загадувањето сме го решиле. После тоа ќе остане проблемот во делот на загревањето, кој што е поголем фактор во загадувањето во Град Скопје” – истакна Николоски

