Покрената е кривична постапка против 23-годишен вработен во австрискиот синџир на супермаркети „Била“ под сомнение дека им дал неовластени попусти на клиентите во текот на 2025 година, со што компанијата наводно претрпела штета од околу 26.000 евра, објавува „Oberosterreichische Nahrihten“.
Младиот човек, кој работел како благајник во продавница на „Била“ во Линц, наводно им доделувал попусти на клиентите во износ до 50 проценти во текот на неколку месеци, пренесува „Стандард“. Неправилностите биле откриени при редовна внатрешна контрола на менаџментот за продажба.
Според медиумите, младиот човек му признал на работодавачот дека ги дал попустите, објаснувајќи дека дејствувал „рефлексивно“ и дека во тежок животен период сакал да „остави добар впечаток“ кај клиентите. Сепак, пред истражните органи тој го искористил своето право на молчење и не го признал делото.
Обвинителството во Линц го товари за злоупотреба на доверба, а судењето е закажано за среда. Против 23-годишникот претходно не е водена кривична постапка.

