И покрај интензивираните руски напади врз неговата земја, украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека разговорите за ставање крај на војната наскоро ќе продолжат.
– Очекувам дека американската страна ќе успее да организира трилатерална средба во октомври – рече тој во своето вечерно видеообраќање. Украинскиот преговарачки тим е подготвен. „Таа подготвеност сега мора да дојде и од Русија“, додаде тој.
Дипломатијата сега мора да стане приоритет и во Русија, истакна тој.
– Досега тие беа фокусирани исклучиво на напади врз Украина и дестабилизација на односите во Европа – тврди Зеленски, пренесе ДПА.
Важна задача за САД и за сите силни партнери на Украина беше да ја убедат Русија да се сврти кон дипломатијата, „да преземе конкретни чекори наместо да прибегнува кон убивање“, додаде тој.
Откако ја почна својата војна против Украина, Русија повеќепати сигнализираше подготвеност за преговори под одредени услови, за подоцна да се повлече од таа позиција.
Сепак, Киев, неговите западни сојузници и набљудувачите имаат сериозни сомнежи во вистинската подготвеност на Москва да се вклучи во разговори.
Рускиот претседател Владимир Путин претходно овој месец повтори дека Москва е подготвена да влезе во преговори и да ги заврши што е можно побрзо.
– Но, секако, под услови кои се исто така прифатливи за Руската Федерација … и за рускиот народ – рече тој.

