Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата порача дека фокусот е ставен на деблокирање на евроинтегративниот процес и креирање на соодветен патоказ за земјата.
Таа најави дека првиот чекор во оваа насока ќе се случи веќе следната недела, преку ревидирање на целиот пристапен процес.
– Се фокусирама на тоа да ја деблокираме ситуацијата, за да можеме да дојдеме со патоказ и во Северна Македонија – изјави Фон дер Лајен, одговарајќи на новинарски прашања.
Таа додаде дека по деблокадата, процесот би можел да се одвива брзо поради досегашните реформи.
– Можам да го потврдам она што го кажа премиерот дека се договоривме да имаме еден прв чекор следната недела и да се обидеме да го деблокираме процесот и всушност да го претвориме во процес, тоа е најважниот дел. Она што ќе се случува следната недела е ревидирањето на целот тој процес на пристапување – рече таа.
Според европската претседателка, земјата има остварено значаен напредок, иако останува дополнителна работа.
– Ги имаме оние држави кои веќе се длабоко навлезени во пристапниот процес и отвораат и затвораат поглавја и тоа се тие патокази, и во моментов кога ќе ја деблокираме ситуацијата тука, мое лично мислење е дека можеме да бидеме мошне брзи со Северна Македонија затоа што веќе интензивно работиме на реформите коишо се неопходни. Да, се уште има работа, но импресивно е она што досега го имате направено – подвлече Фон дер Лајен.

