Премиерот Христијан Мицкоски на Самитот Конкордија во Њујорк порача дека Северна Македонија останува посветена на европската интеграција, но дека процесот не треба да се користи за отворање прашања поврзани со идентитетот.
Тој оцени дека земјата повеќе од две децении се соочува со пречки на патот кон ЕУ и дека поради тоа постои голема фрустрација кај граѓаните. Сепак, како што истакна, Владата ќе продолжи со реформите и усогласувањето со европските политики.
Мицкоски посочи и дека од Брисел пристигнуваат позитивни сигнали, а како пример го наведе неформалниот документ претставен од Франција и Германија, за кој, според него, постои можност да стане дел од официјалната политика на ЕУ.
На панелот тој говореше и за стратешкото партнерство со САД, енергетската и инфраструктурната поврзаност со регионот, како и за економските резултати на земјата.
Според Мицкоски, реалниот економски раст во вториот квартал од 2026 година изнесувал 4,3 отсто, додека инфлацијата во август била меѓу 2 и 2,5 проценти.

