на водите од сливот на Вардар
Јавноста се вклучува во исцртувањето на иднината на водите од сливот на Вардар Започнаа јавните консултации за подготовка на првиот План за управување со сливот на реката Вардар. Во изминатите две недели се одржаа консултативни средби во Скопје, Тетово, Штип и Битола, на кои учестуваа претставници од општините, јавните претпријатија, граѓански организации и приватни компании.
Целта на овој процес, кој го води Министерството за животна средина и просторно планирање, е сите засегнати страни да се вклучат во креирањето на политиките за управување и користење на најважниот воден ресурс во државата.
„Наша заедничка цел е овој План за управување со сливот на реката Вардар да ги одразува реалните потреби на сите засегнати страни, но во исто време да обезбедува одржлива и ефикасна заштита на водните ресурси во државата. Токму затоа, целокупниот процес опфаќа научен процес односно мониторинг на квалитетот и квантитетот на водите кој го спроведува УХМР, но и консултативен процес преку кој ќе се чуе гласот на научната јавност, еколозите, земјоделците, стопанствениците, локалните заедници“, велат од Секторот за води во Министерството за животна средина и просторно планирање, од каде го водат овој процес.
„Планот за управување со сливот на Вардар треба да се донесе што е можно поскоро и да подлежи на консултации со сите засегнати страни согласно законски пропишаните постапки. Дополнително, од голема важност е да се воспостави Советот за управување со подрачјето на речниот слив на Вардар како меѓуинституционално тело кое ќе ја следи реализацијата на Планот. Овој план е основа за спречување на понатамошно загадување и деградирање на реката Вардар за која е неопходна заштита не само како воден ресурс, туку и како екосистем“, вели Марко Гучески од граѓанската организација „Еко-свест“, кој учествуваше на консултативната средба во Скопје.
Процесот се одвива со поддршка на Швајцарската Програма за управување, користење и заштита на води, која го овозможи и изготвувањето на Времениот извештај за значајни прашања поврзани со управувањето со водите од сливот на Вардар. Овој документ ги идентификува главните фактори што влијаат врз квалитетот и количината на водите во сливот на Вардар, но содржи и мерки за подобрување на состојбите.
„Овој План за управување со води е исклучително важен, имајќи предвид дека сливот на Вардар опфаќа над 80 отсто од сите водни тела во државата. Програмата за води ги поддржува националните институции да го спроведат процесот во согласност со Рамковната директива за води на Европската Унија и да се изготви сеопфатен документ кој ќе овозможи рационално, одговорно и одржливо користење на водните ресурси“, вели Никола Здравески од Програмата за управување, користење и заштита на води.
Процесот на јавни консултации ќе трае во наредните шест месеци, а во него може да се вклучат сите граѓани преку пополнување онлајн прашалник за главните ризици и препораки за нивно надминување. Потоа ќе се пристапи кон подготовка на првиот План за управување со сливот на Вардар, кој треба да биде усвоен до крајот на 2027 година.

