Белгиската полиција уапси 15-годишен ученик поради лажна дојава за можен напад и поставена бомба во средно училиште во градот Гент, соопшти Јавното обвинителство на покраината Источна Фландрија.
Заканите биле испратени преку профил на ученик на училишната платформа „Смартскул“, по што претпладнето беа евакуирани околу 850 ученици.
„Евакуацијата се одвиваше организирано. Уште од самиот почеток сериозно пристапивме кон ситуацијата“, изјави советникот за образование во покраинската управа на Источна Фландрија, Курт Моенс.
По пријавата, на терен излегоа полициски тимови со кучиња трагачи кои ги пребараа просториите. По неколкучасовната проверка не беа пронајдени сомнителни предмети, а училиштето повторно беше отворено околу 15 часот.
„Се покажа дека станува збор за лажна закана со бомба и напад“, информира портпаролката на Покраинското јавно обвинителство, Лиза Де Вилде.
Поради инцидентот, наставата беше целосно откажана, а учениците беа пуштени дома. Де Вилде потврди дека полицијата го уапсила осомничениот малолетник и најави понатамошна постапка:
„Тој ќе биде сослушан од полицијата. Потоа, момчето и неговите родители може да бидат повикани на разговор во Јавното обвинителство. Сепак, можно е тој да биде изведен и пред судија за малолетници, кој може да му изрече одредени мерки или да одлучи да го смести во соодветна установа.“
Истрагата за мотивите и хакирањето продолжува
Мотивите за лажната дојава засега остануваат непознати, но надлежните отфрлаат дека инциднетот е поврзан со неодамнешната контроверзна одлука за забрана на носење шамии во училиштето, која стапи во сила на почетокот на септември.
„Сè уште се истражуваат околностите и причината за лажната дојава“, истакна Де Вилде, додавајќи дека постои сомнеж оти профилот од кој се испратени заканите претходно бил хакиран.
Од платформата „Смартскул“ демантираат било каков дефект во нивниот систем.
„Ништо не укажува на проблем со нашиот систем“, изјави портпаролот на платформата, Серџо Дестино, додавајќи дека до нив не било доставено известување од училиштето за компромитиран кориснички профил.

