МВР денеска спроведува координирана акција со претреси на дваесетина локации во рамки на истрагата за незаконско издавање и фалсификување возачки дозволи за C и D категорија.
Денешната акција следува по истрагата што Внатрешната контрола на МВР ја отвори кон крајот на август, кога беше откриено дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории во возачки дозволи на лица кои немале положено испит за управување камиони или автобуси.
Според тогашните информации, шемата функционирала така што лицето пријавувало изгубена возачка дозвола и барало издавање нова, а при обработката на документот во системот незаконски му била додавана C или D категорија. Во рамки на првичната истрага најмалку двајца вработени во МВР биле откриени при обид за издавање таква дозвола за поткуп од околу 1.400 евра.
Истрагата потоа беше проширена за да се утврди колку службеници биле вклучени во шемата и колку возачки дозволи биле издадени на ваков начин.
Со денешните претреси на дваесетина локации полицијата трага по дополнителни материјални докази и лица поврзани со случајот. Засега нема официјални информации колку лица се приведени, а повеќе детали се очекуваат по завршувањето на акцијата.

