Српската влада го продолжи рокот за поднесување барања за субвенции за купување нови електрични возила. Наместо до 30 септември, граѓаните, претприемачите и компаниите ќе можат да аплицираат до 1 декември 2026 година.
Измената е веќе објавена во „Службен весник на Република Србија“, но од надлежните напоменуваат дека продолжувањето не гарантира достапност на средствата до тој датум, бидејќи поддршката се доделува по редослед на пристигнати барања до исцрпување на буџетот.
Висината на државната помош се одредува според категоријата на возилото. За нов електричен автомобил или лесно комерцијално возило до 3,5 тони е предвидена субвенција од 5.000 евра. За електрични мотоцикли, тешки трицикли и квадрицикли износот е 500 евра, додека за мопеди и лесни трицикли е предвидена поддршка од 250 евра.
Право на аплицирање имаат физички лица, претприемачи и правни лица, под услов возилото да е ново и претходно нерегистрирано. Средствата може да се искористат за учество во финансиски лизинг или за директно покривање дел од куповната цена.
Постапката за аплицирање се одвива електронски до Министерството за заштита на животната средина преку порталот е-Влада, каде што се приложуваат проформа фактура, прелиминарен договор, сертификат за хомологација и сертификат за сообразност (CoC). По добивање на позитивно решение, купувачот има рок од осум дена да достави потврда за реализирано купување или склучен лизинг.
Оваа година е забележан значителен интерес за мерката. Според податоците што ги презентираше министерката за заштита на животната средина Сара Павков, досега се примени околу 1.000 апликации, што е петпати повеќе во споредба со минатата година. Обработена е околу една третина од барањата, а за субвенционирање на 600 возила се обезбедени речиси 3 милиони евра.

