Премиерот Христијан Мицкоски најави дека следната година се очекува да бидат пуштени првите 10 до 12 километри од автопатската делница Прилеп–Битола, со двонасочен сообраќај.
„Нашиот фокус е целосно на завршување на автопатската делница која треба да ги поврзе Прилеп и Битола. Очекувам следната година првите 10 до 12 километри да бидат пуштени во двонасочен сообраќај“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека се планира и обиколница околу Битола со поврзување кон граничниот премин Меџитлија, а се преговара и за поврзување на крајот на експресниот пат од Коридорот 10д со автопатската делница што во моментов се гради.
Според премиерот, Јавното претпријатие за државни патишта ги санира оштетените делници во рамките на своите можности и капацитети.
Мицкоски ги повика возачите да го користат веќе пуштениот експресен пат кој практично ги поврзува Прилеп и Градско, додека како приоритет на Владата останува изградбата и поврзувањето на патната инфраструктура кон Битола.

