Владата веднаш да го објави записникот од 167. седница и да каже кој и колку пари добил од потрошените 5 милиони евра за прославата на независноста, побара претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција.
Филипче обjави документи кои потврдуваат дека Мицксоски лажеше кога рече дека „нула денари“ се потрошени за прославата на денот на независноста и кои потврдуваат дека преку АД Лотарија, која е целосно во сопственост на државата, за организирање на прославата биле издвоени 5 милиони евра народни пари.
„Ова што се случи со проектот за прослава на независноста, како и во многу други сценарија и во други случаи, е една голема проневера на пари. Практично арамискиот концепт на владеење на оваа власт“, обвини Филипче.
Филипче потенцираше дека Записникот од 167. седница и Отворениот повик покажуваат дека средствата биле обезбедени преку АД Лотарија.
„Акционерското друштво АД Лотарија, целосно, стопроцентно во сопственост на државата, што значи парите со кои што тоа претпријатие располага се на граѓаните. Зошто беше потребата, премиерот, да лаже, иако тоа е негово однесување, и да кажува дека не се потрошени ниту еден денар народни пари за оваа прослава. Лотарија распишува јавен повик, не класична тендерска постапка, зашто веројатно се прекршува законот за спонзорство, затоа што кажува дека согласно тој закон е правена оваа постапка“, рече Филипче.
Филипче додаде дека не се знае ниту кој одлучувал за распределбата на 5 милиони евра и според кои критериуми била избрана компанијата што го организирала настанот.
„Ниту знаеме кој што одлучувал за 5 милиони евра пари на граѓаните, ниту врз основа на кои критериуми е доделена оваа набавка на компанијата која што го организирала настанот. Зошто парите на граѓаните, зошто дивидендата од Државната лотарија не се намениле за нешто друго? И бараме одговор на тоа прашање“, рече Филипче.
При тоа, само неколку месеци претходно, таа иста компанија добила пари од Државна лотарија за некои други активности. Никој не знае за кои и какви.
„Зошто парите од дивидендата на Државната лотарија не се намениле за исплата на субвенциите на земјоделците? Зошто не се намениле за нешто во здравството? Зошто не се намениле за лековите кои што недостасуваат. Зошто дел барем од парите не се намениле да се зголемат пензиите? Зошто барем дел од парите не се намениле да се зголеми минималната плата?“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче побара да се објави кој и колку пари добил за учеството во прославата.
„Не се знае кој и колку од луѓето што учествувале во таа прослава, земале точно пари. Се знае само вкупната сума на пари од 5 милиони евра. Бараме да се каже јавно и гласно. Освен тоа што Владата има обврска, затоа што мора транспарентно да работи, да го објави записникот од владената 167. седница, да каже и кој од тие кои што учествуваат во овој спектакл со народни пари, кој колку пари зема од ексклузивно народните пари, пари на граѓаните од Државната лотарија“, потенцираше претседателлот на СДСМ, Венко Филипче.

