Дејан Јованов – Деко, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани во која во катастрофалниот пожар загинаа 63 лица, за неполн месец излегува од притвор.
Од Основниот кривичен суд Скопје за Телма потврдиле дека последното продолжување на мерката притвор му е до 3 октомври, по што тој ќе се брани од слобода. Причина за тоа е законската одредба според која притворот може да трае максимум една година од оценката на обвинителниот акт.
„Ве известуваме дека, мерката притвор, определена против прво обвинетиот Дејан Јованов, од страна на кривичниот совет е продолжена до 03.10.2026 година, имајќи предвид дека Обвинителниот акт е оценет на 03.10.2025 година и согласно Законските одредби мерката притвор може да трае до најмногу една година од оцената на актот. Со цел да се обезбеди непречено присуство во понатамошниот дел од судската постапка, Судот, согласно досегашната пракса, по службена должност, по истекот на Законскиот рок за мерката притвор, определува дополнителни мерки за претпазливост и обезбедување на обвинетиот“, изјавија за Телма од Основен кривичен суд – Скопје.
Јованов беше приведен веднаш по пожарот на 16 март, а притворот му беше одреден на 23 март минатата година. Судскиот процес против него и уште 33 лица започна во ноември и сè уште трае, а се очекува да биде еден од најдолгите и најобемните случаи.
Во процесот обвинет е и неговиот брат, Тодор Јованов, на кого мерката куќен притвор му беше укината по понудена гаранција во недвижен имот од околу 320 илјади евра. Неговиот син исто така е опфатен со обвинението, но за него се определени само мерки за претпазливост.
Дејан Јованов во повеќе наврати бараше укинување на притворот поради влошена здравствена состојба, но судот досега ги одбиваше тие барања. Ваквите барања предизвикаа остри реакции кај родителите на загинатите, кои изразија загриженост дека случајот се минимизира. Притворот првично беше одреден поради опасност од бегство, а по истекот на максималниот рок за него нема да има активна гаранција.
Во изминатиот период, судот прифати гаранции и ја укина мерката куќен притвор за четворица други обвинети — Јане Јанчевски, Митко Стојанов, Мартин Ѓорѓиев, Стојанчо Димитриев и Беким Хаџиу. Од судот потенцираат дека за нив важат алтернативни мерки и сите редовно се јавуваат на закажаните рочишта.

