Уште од независноста за претседателот Киро Глигоров, Европа беше национална цел,порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешниот свечен настан по повод 35 години од независноста, што вечерва се одржа во организација на СДСМ, под слоганот „Македонија е сè што имаме“.
Во обраќањето, Филипче потсети дека уште во првите години на независноста, Глигоров јасно ја гледаше Македонија како дел од европското семејство.
Тој нагласи дека европската ориентација беше јасно формулирана во размислувањата и јавните настапи на Глигоров уште на почетокот на 90-тите години, а подоцна ја повторуваше како политички аманет.
„Уште на почетокот на 90-те години кога Југославија сè уште формално постоеше, а Глигоров веќе беше пензионер, европската ориентација е јасно формулирана во неговите размислувања и јавни настапи. Подоцна ја повторуваше како еден вид политички аманет. Европа за него беше природната политичка, економска, географска и цивилизациска средина на Македонија. Истовремено предупредуваше дека членството бара работа, знаење, учење и реформи“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ посочи дека токму на таков трезвен начин треба да се зборува за европската иднина на државата, без самозалажување, но и без откажување од националните интереси и достоинството.
„Токму така трезвено треба да зборуваме за Европа и денес. Без бајки. Без комплекси. Без клечење пред кој било. Но и без самозалажување“, рече Филипче.
Во тој контекст, Филипче потсети и на политиката на еквидистанца кон соседите која ја застапуваше Глигоров, посочувајќи дека нејзината суштина е во градењето подеднакво добри односи со сите соседи.
„Неговата прочуена политика на еквидистанца кон соседите често беше погрешно толкувана како држење на сите на еднакво растојание. Но, смислата на еквидистанцата беше поинаква. Таа значеше подеднакво добри односи со сите соседи. Тоа е мудроста на една мала држава сместена во чувствителен регион. Ниту кавги со соседите. Ниту барање покровители. Ниту производство на непријатели за домашна политичка употреба. Пристојни и пријателски односи со сите. Достоинство пред сите. Зависност од никого“, рече Филипче.
Во обраќањето, Филипче нагласи дека и Европската Унија неодамна повторно ја потврди перспективата за членство на Западен Балкан, но и дека за Македонија останува јасно поставен следниот чекор во европските интеграции.
„На 5 јуни оваа година, во Тиват, на Самитот ЕУ -Западен Балкан, Европската Унија повторно ја потврди перспективата за членство на регионот. Европските лидери зборуваа за нов моментум, постепена интеграција, пристап до единствениот пазар и конкретни придобивки за граѓаните уште пред полноправното членство. Три дена пред Самитот, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта во Скопје многу јасно кажа што е следниот чекор за Македонија. Усвојувањето на договорените уставни измени останува услов за формалното продолжување на преговорите и за отворањето на следната фаза“, рече Филипче.
Тој посочи дека, без оглед на тоа дали политичарите се согласуваат со реалноста или ја сметаат за неправедна, нивната задача е да носат одлуки и да наоѓаат решенија за иднината на државата.
„Може да не ни се допаѓа таа реалност. Може да бидеме лути поради неа. Можеме да сметаме дека Европа кон Македонија е неправедна. И навистина е, многу пати била. Но, одговорноста на политичарите е да најдат решенија, а не да се смета за успех да се стои во место со децении. Државата не се води со болна суета, со лажен патриотизам, со удирање во гради. Се води со резултати и саможртви со носење на непопуларни одлуки, но историски оправдани. Само идните непристрасни генерации можат правилно да оценат колкава е цената на прифатените компромиси, а колкава е загубата од бескомпромисноста и изгбните децении на побрз сестран развој“, рече Филипче.

