Од Управата за хидрометеоролошки работи денеска објавија метео аларм за првиот септемвриски ден.
-Метеоаларм за ден 01.09.2026 година. Високи температури на територијата на целата држава!, напишаа од УХМР, објавувајќи мапа.
Денеска во земјава се очекува претежно сончево и топло време, со појава на мала до умерена облачност. Во одредени места, особено во попладневните часови, атмосферата ќе биде нестабилна, па се можни локални врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер.
Ветерот ќе биде слаб до умерен и главно ќе дува од северен правец. Утринските температури ќе се движат од 14 до 21 степен, додека дневните максимални температури ќе достигнат меѓу 31 и 37 степени.
Во Скопје времето ќе биде сончево и топло, со повремена мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Температурата во утринските часови ќе се спушти до 21 степен, а во текот на денот се очекува да достигне до 37 степени.

Слични временски услови се очекуваат и во следните денови. Ќе преовладува сончево и топло време, но попладне ќе има можност за развој на локална нестабилност. Најизразена нестабилност се очекува во среда и четврток, кога на места се можни невремиња проследени со силен ветер, пороен дожд и грмежи, а не е исклучена ниту појава на град.
Од петок, како и во текот на викендот, повторно се очекува стабилно, сончево и топло време со мала до умерена облачност.

