ВМРО-ДПМНЕ го обвини СДСМ и лидерот Венко Филипче дека без аргументи создаваат страв и паника во јавноста околу можната изградба на дата-центри во Македонија.
Од владејачката партија велат дека секогаш кога се најавува нов проект кој, според нив, може да ја направи државата помодерна и поконкурентна, опозицијата реагира со негативни пораки и предупредувања без доволно факти и стручни анализи.
„Филипче повторно излезе јавно со категорични ставови за евентуалната изградба на дата-центри во Македонија, како неговото мислење само по себе да е доволен аргумент“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се осврнуваат и на Пехчево, оценувајќи дека иницијативата против дата-центрите таму не успеала и дека по тоа следувало ново ширење страв во јавноста.
Од партијата нагласуваат дека Македонија треба да привлекува инвестиции, да гради модерна инфраструктура и да станува поконкурентна, но додаваат дека тоа мора да се прави со почитување на законите, заштита на животната средина и високи стандарди за безбедност на граѓаните.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо аргументирана дебата за придобивките и ризиците од ваквите инвестиции, СДСМ секоја можност за развој ја претвора во политичка тема и причина за страв.
„На Македонија ѝ треба развој и визија, а не политичка хистерија секогаш кога нешто може да ја направи помодерна и посилна“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

