Се уште нема информации за идентитетот на тројцата македонски државјани кои загинаа, во тешката сообраќајна несреќа во Словенија
Во автомобилот се превезувале пет лица, сите државјани на Македонија. Три лица починале на самото место, додека едниот од преживеаните со хеликоптер бил пренесен во болница. Во болница со возило на Итната медицинска помош бил однесен и повредениот возач. И за нив нема информации за идентитетот
Според првичната реконструкција на Полициската управа Копер, камионот поради дефект бил запрен во одвоена лента покрај автопатот. Од засега непознати причини, автомобилот во кој биле Македонците удрил во задниот лев дел од приколката.
Несреќата била пријавена во 16:28 часот, по што на местото биле испратени повеќе полициски патроли, пожарникари и екипи на Итната помош. Во увидот биле вклучени и државна обвинителка и истражна судијка.
Словенечката полиција засега не ги објавува идентитетот и возраста на тројцата загинати, ниту од кој дел на Македонија се. Нема официјална информација ниту дали петте лица во автомобилот биле роднински поврзани.
Не е соопштена ниту точната здравствена состојба на двајцата преживеани. Истрагата треба да утврди со каква брзина се движел автомобилот, зошто дошло до ударот и дали врз несреќата влијаеле човечки фактор, условите на патот или друга околност.
Полицијата во Копер најави дека повеќе информации ќе објави по завршувањето на првичните истражни дејствија.

