Од почетокот на оваа вирусна сезона во Грција се регистрирани вкупно 232 случаи на зараза со вирусот Западен Нил, а како последица на инфекцијата починале 19 лица, покажува најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ). Само во изминатата седмица се потврдени 75 нови случаи и шест смртни исходи.
Според податоците на ЕОДИ, кај 165 од заразените се развиле симптоми на централниот нервен систем, како енцефалитис, менингитис или акутна парализа, а нивната просечна возраст е 75 години. Кај 67 лица симптомите биле благи. На болничко лекување во моментов се наоѓаат 73 пациенти, 124 се отпуштени од болница, додека 16 лица немале потреба од хоспитализација. Сите починати биле на возраст над 65 години, со просечна возраст од 85 години.
Географски, повеќе од половина од сите регистрирани случаи (вкупно 137) се лоцирани во областа Атика, односно поширокиот регион на Атина. Во регионот Тесалија, во северна и централна Грција и на Пелопонез се регистрирани 77 случаи, додека за 18 случаи сè уште трае епидемиолошкото истражување.
Случаи на инфекција досега се потврдени во 61 општина ширум Грција, а здравствените власти очекуваат појава на нови случаи и во следниот период. Поради зголемената циркулација на вирусот, во атинските општини веќе се спроведе вонредно прскање против комарци. Освен во Грција, случаи на вирусот Западен Нил во Европа годинава се забележани и во Италија, Романија, Франција, Северна Македонија, Србија, Шпанија, Албанија, Австрија, Германија, Косово и Холандија.
Грчкиот министер за здравство, Адонис Георгиадис, изјави дека ситуацијата е под контрола и дека нема место за паника:
„Ова не е најголемиот бран на вирусот на Западен Нил во последните години. Најголемиот беше во 2018 година и сегашните бројки се далеку под тогашните. Бројот на случаи е зголемен во споредба со претходните години, но сепак е многу помал од епидемијата што ја имавме во 2018 година. Затоа, смиреност. Очигледно, нема голем притисок врз болниците и, како што реков, нема причина за паника“, посочи Георгиадис.
Првиот случај за оваа сезона во Грција беше регистриран на почетокот на јули. Вирусот Западен Нил, кој се пренесува преку убод од комарци, е редовно присутен во земјата во летниот период. За споредба, во рекордната 2018 година беа регистрирани 317 случаи и 51 починат, додека минатата година беа забележани 96 случаи со девет смртни исходи.

