Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека постои договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со кој преку блокада на работата на Собранието би се создале услови за распишување предвремени парламентарни избори.
Филипче рече дека информациите ги добиле во изминатите денови и оцени дека евентуалната институционална блокада би се користела како алиби за избори.
„Постои договор помеѓу организираната криминална група на ВМРО и ДУИ, а тоа е со процедурални интервенции од страна на пратеничката група на ДУИ да се блокира работата на Собранието и тоа да води кон предвремени избори“, изјави Филипче.
Тој не соопшти дополнителни детали за информациите врз кои ги темели ваквите тврдења, ниту за тоа кога, според него, би можела да почне евентуалната блокада.
Изјавата доаѓа во период кога повторно се актуелизира темата за можни предвремени парламентарни избори и политичките услови под кои тие би можеле да бидат распишани.

