Талентираната теквондистка и светска вицешампионка Изабел Сава ненадејно починала во сон на 19-годишна возраст.

Младата Романка живеела со родителите во близина на Лондон и била нивно единствено дете. Според нејзините роднини, Изабел во текот на ноќта доживеала срцев застој. Лекарите со часови се бореле за нејзиниот живот, но за жал не успеале да ја спасат.
Нејзината смрт била уште поголем шок за семејството и блиските бидејќи, како што велат, во текот на животот редовно правела детални лекарски прегледи.
Теквондото било нејзината најголема страст. Со овој спорт се занимавала повеќе од една деценија, а благодарение на посветеноста и напорните тренинзи стигнала до црн појас, втор дан.
Најголемиот успех во кариерата го постигнала во 2022 година, кога настапила на Светското првенство во теквондо во Холандија. Таму освоила сребрен медал во спаринг и се искачила на светскиот подиум, потврдувајќи го својот голем талент.

